Фудбалерите на Атлетико Мадрид јасно порачаа дека не планираат да им оддадат почит на ривалите, Реал Мадрид кога двете екипи ќе се сретнат на „Ванда метрополитано“, отфрлајќи ја можноста за „шпалир“ за новокрунисаните шампиони од Ла лига.
Реал во саботата ја освоија својата 35. шпанска титула со 4:0 победата над Еспањол, наследувајќи ги токму Атлетико како шампиони, а во првиот следен меч, на 8 мај ќе патуваат кај тимот на Диего Симеоне, но Хозе Хименез и Јан Облак потврдија дека не планираат да стојат и да им аплаудираат на Реал.
„Шпалир за Реал Мадрид? Ќе им честитаме, но имаме преголем респект за нашите фанови“, изјави Хименез кога беше запрашан по 2:0 поразот од Атлетик Билбао.
Облак се согласува.
„Како капитен, јас сум еден од тие кои не сакаат ниту да добивааат, ниту да даваат такваа почест. Клубот ќе одлучи, а потоа ќе направиме што е потребно“, вели Облак.