Top Sport

Нерешено за Валенсија и Барса, поништен чист гол на Меси (видео)  

Валенсија ја направи интересна борбата за титулата во шпанската Ла лига, откако успеа да извлече реми 1:1 во дуелот со Барселона на „Местаља“, меѓутоа мечот ќе остане запаметен по регуларниот гол на Лео Меси, кој не беше признат.

Меси, кој во саботата го продолжи договорот со Барселона до 2021 година, во 30-тата минута упати релативно млак удар кон голот на Валенсија, но голманот Нето лошо интервенираше и топката отскокна зад линијата, пред Бразилецот да ја врати во теренот. Ниту судијата Игнасио Иглесиас Вилануева, ниту неговиот помошник не го забележа тоа.

Меси почна да го прославува голот, додека играта продолжи и Валенсија за малку ќе постигнеше гол преку Симоне Заза, со што ќе имаше уште поголеми контроверзи.

Шпанската лига е единствената од водечките пет лиги во Европа во која не се користи никаква технологија за линиски одлуки, а дел од тимовите се јасно оштетени. Минатата сезона исто така на Барселона не им беше признат гол иако ТВ-снимките покажуваат дека топката ја мина гол линијата во 1:1 ремито со Реал Бетис. Ла лига неодамна објави дека од следната сезона ќе се воведе електронскиот систем за помош на судиите (ВАР), каков што се користи во Бундеслигата и во Серија А.

Валенсија потоа дојде во водство во 60. минута, кога Хозе Гаја убаво уфрли во шестнаесетникот на Каталонците, а Родриго ја смести топката зад грбот на Марк-Андре Тер Штеген.

Барселона чекаше израмнување до 82. минута, кога Меси фантастично го проигра Жорди Алба за бод за „блауграна“ во Валенсија.

Со ремито, Барселона остана лидер со 35 поени, четири повеќе од Валенсија, а на третото и четвртото место се Атлетико и Реал со по 27 поени. Доколку беше признаен голот на Меси и Барселона победеше на тешкото гостување, разликата со мадридските клубови ќе беше дури 10 поени.

Scroll to Top