Top Sport

Невил: Манчестер јунајтед ќе преживеат и без Пол Погба

Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Гери Невил тврди дека неговиот клуб нема да страда доколку Пол Погба замине од „Олд Трафорд“ бидејќи „никој не е поголем од клубот“.

Околу Погба и неговиот однос со менаџерот Жозе Мурињо толку многу се напиша, што и самиот Погба изјави дека ако каже некои работи кои ги мисли ќе биде казнет. Покрај тоа, неговиот агент Мино Рајола постојано зборува дека без проблем може да му најде трансфер во Шпанија, каде што Барселона се заинтересираа ова лето.

На Невил, пак, како и повеќето фанови на Манчестер јунајтед, веќе им е доста од „сагата“ порачувајќи му на 25-годишниот Французин да биде професионалец или да си најде нов клуб.

„Има четири начини да се гледа на ситуацијата. Како ТВ-коментатор, сопственик, фан или лично. Невил коментаторот би кажал: Тој е талентиран фудбалер, но потребна е поголема постојаност и лидерство. Како навивач, мислам дека никој не е поголем од клубот и не ме интересираат фудбалери кои бараат друг клуб. Така што, Пол, ако сакаш да играш на друго место, да го направиме тоа, бидејќи Манчестер јунајтед ќе преживее, без грижи. Кога би бил сопственик, би го правел тоа што го прават Јунајтед – тој не е на продажба, и ако биде ќе мора да се врати инвестицијата од 90 милиони фунти. Да бев во соблекувалната ќе му дадев личен совет: ’Пол, очигледно сакаш да играш на друго место, но биди професионалец. Не биди платеник, тоа не ти е потребно’“, вели Невил во интервју за „Тајмс“.

Scroll to Top