Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Никола Ѓорѓев е нов член на швајцарскиот клуб Арау. Тој потпиша двегодишен договор и се враќа во тимот каде настапуваше и во 2018 година.
Ѓорѓев беше дел од младинската фудбалска репрезентација до 21 година која настапи на Европското првенство во 2017 година, а во Арау доаѓа како слободен агент од Грасхоперс.
„Среќни сме што го ангажиравме Никола Ѓорѓев, тој е квалитетен офанзивен фудбалер, непредвидлив за секој противник и кој може да ја забрза нашата игра. Убеден сум дека ќе даде се од себе за заедно да ги оствариме целите за новата сезона“, изјави спортскиот директор на Арау, Сандро Бурки.