Англискиот второлигаш Бурнемаут потврди дека го именуваат Џонатан Вудгејт за менаџер до крајот на сезоната по шпекулациите дека Тјери Анри ќе пристигне назад во англискиот фудбал.
Вудгејт, поранешниот фудбалер на Лидс, Тотенхем и Реал Мадрид, беше привремен тренер на „черис“ по отпуштањето на Џејсон Тиндал и сега има задача да ги врати во Премиер лигата. Тој ја доби работата откако Тјери Анри очигледно не планира да си замине од Монтреал во МЛС лигата.
Во петте меча како менаџер, Вудгејт обезбеди три победи, едно реми и еден пораз со три натпревари без примен гол, и ги однесе Бурнемаут во четврт-финалето на ФА купот вторпат во историјата на клубот со 2:0 победата над Барнли. Бурнемаут се на шестото место во Чемпионшип, со осум поени зад Брентфорд на место кое води директно во лигата, но три пред Кардиф во позиција за плејоф.