Њукасл се намачи, но на крајот стигна до четвртото коло на ФА купот, откако даде два гола во продолжението за драматична 4:2 гостинска победа над второлигашот Блекбурн.
Првиот меч меѓу двата тима на „Сент Џејмс Парк“ заврши 1:1, но работите изгледаа добро за „свраките“ откако Лонгстаф и Робертс им донесоа 0:2 водство по 22 минути игра. Меѓутоа, поранешниот англиски шампион Блекбурн се врати до крајот на полувремето и израмни на 2:2, резултат кој остана до крајот на регуларните 90 минути.
Во продолжението прво Шпанецот Хоселу го постигна својот прв гол од август за да донесе 2:3 водство, пред Перез да ги постави конечните 2:4. Во следното коло Њукасл ќе се сретне со Ватфорд.
Во другите две преигрувања, Шефилд венсдеј со 1:0 победи на гостувањето кај Лутон за да обезбеди голем меч против Челси, додека Шрузбери го шокираше поранешниот премиерлигаш Стоук со два гола во финишот за 2:3 победа и доби дуел во 4. коло со премиерлигашот Вулверхемптон.
ФА КУП, 3.КОЛО
Блекбурн – Њукасл 2:2, 2:4 по продолженија
Лутон – Шефилд венсдеј 0:1
Стоук – Шрузбери 2:3