Повредениот капитен на Баерн Минхен, Мануел Нојер чувствува дека е „невозможно“ да се предвиди кога ќе се врати на фудбалот по повредата на стапалото.
Славниот голман беше на операција минатиот септември, и сега вели дека веќе следната недела би требало да почне да тренира на отворено откако престанале болките при трчање.
„Ова беше голем ден, многу емоционален, бидејќи трчав на 100 отсто трипати по пет минути првпат по операцијата. Не чувствував болка и ова беше важен чекор напред. Во сабота одам на МРТ скен, па ќе видиме дали од понеделник ќе почнам да тренирам на отворено“, вели Нојер за „Баерн ТВ“.
Сепак, 32-годишниот ветеран не знае кога точно ќе се врати, иако германскиот селектор Јоаким Лев изјави дека тој мора да игра пред крајот на сезоната доколку сака да биде дел од составот за Светското првенство во Руија.
„Невозможно е да предвидувам и морам да бидам внимателен. Важно е ништо да не се случи сега, бидејќи така целата кариера ми е под ризик. Потребно е време, иако сите сме нестрпливи“, додава Нојер.
Фото: ЕПА