Две македонски фудбалски репрезентации денес во Скопје ќе играат натпревари од различен карактер. Сениорите во пријателски натпревар ќе ја пречекаат Норвешка, додека селекцијата до 19 години на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство за противник ќе ја има Белгија.
Дуелот со Норвешка ќе биде последен за сениорите во оваа календарска година. Поради тоа селекторот и фудбалерите најавуваат победа, со која ќе биде продолжена серијата на успешни резултати и ќе се поправи пласманот на ФИФА листата. На последното рангирање Македонија е на 85, а Норвешка на 58.место.
„Норвешка е многу незгоден противник, силен во дуел играта и агресивни на секој дел од теренот. Оваа година одигравме навистина одлични натпревари, резултатите исто така се позитивни и се надевам дека победнички и ќе ја завршиме годината. Секој што ќе добие шанса од селекторот треба да го даде најдоброто од себе. Иако е пријателски, на натпреварот треба да му пристапиме како да е квалификациски и одново да се радуваме на позитивен резултат“, рекол Иван Тричковски, кој поради отсуството на Несторовски заедно со капитенот Пандев ќе го предводи нападот на Македонија.
Селекторот Ангеловски покрај на Несторовски, кој е ослободен поради обврските во Палермо, нема да може да смета ниту на повреденте Адеми, Ѓорѓев, Дориев.
Дуелот на арената „Филип Втори“ ќе започне во 18:30 часот.
За разлика од сениорската, репрезентацијата до 19 години, на турнирот во Скопје ќе го одигра вториот меч во квалификациската група за пласман на Европското првенство. По триумфот, во средата, над фаворизираната Швајцарија (2:1), оваа селекција е блиску до пласман на континеталниот шампионат.
Противник на генерацијата чии предводници се Елмас, Атанасов, Чурлинов ќе биде репрезентацијата на Белгија.
Натпреварот Македонија-Белгија, играчи до 19 години, се игра во комплексот на ФФМ, на стадионот „Петар Милошевски“ во Скопје, а ќе започне во 13 часот.