Top Sport

Нова европска „голгота“ за Вардар

Трет висок пораз во третиот меч за Вардар во првата сезона во Лигата на Европа, откако во Скопје Реал Сосиедад дојде да се надигрува и на крајот си замина со 0:6 победа и три поени.

Ѕвезда на мечот несомнено беше Вилијан Жозе, 25-годишниот бразилскиот напаѓач за кого немаше место во тимот на Реал Мадрид, но своето место си го најде во Сосиедад, и со четири одлични гола покажа дека е одличен голгетер.

Микел Ојарзабал уште во 12. минута го постигна првиот гол за баскискиот тим, по што почна „опсадата“ пред голот на Гачевски, со шанси за Серхио Каналес и Вилијан Жозе. Вардар се охрабри по 20-тина минути игра кога во шанса беа Барсегјан и Бобан Николов, но потоа во 34. минута, Вилијан Жозе за 11 минути постигна уште два гола за убедливи 0:3.

Вилијан Жозе го започна одлично и второто полувреме, кога за само четири минути додаде два гола, првиот со глава во 55. минута, а вториот во 59. минута по грешката на одбраната на Вардар. Тренерот Еузебио Сакристан реши дека Бразилецот направи доволно и со сигурен резултат го повлече од игра во 60-тата минута. Сол на раната постави Алберто дела Беља со гол во 90-тата минута, кога голманот на Вардар, Филип Гачевски по две интервенции не успеа и по третпат да ги спречи напаѓачите на Сосиедад.

За „црвено-црните“ ова е уште еден удар во евро-натпреварувањата, а лошата вест е што следниот меч го игра против истиот противник, на 2 ноември во Сан Себастијан.


Scroll to Top