Тимот од Серија Ц, Виченца официјално банкротираше, ставајќи крај на 115-годишната историја на тимот, кој едно време беше постојан во Серија А.
Играчите на Виченца не беа платени од септември, по што почнаа со штрајк, а сега судот ги прогласи за банкротирани, така што контролата преоѓа кај општинските власти кои прво ќе мораат да најдат пари да ги исплатат играчите.
Тимот сега ќе биде исклучен од третата лига и ќе има период до стартот на новата сезона за да се формира нов клуб. Контролата на името и историјата на клубот преоѓа кај градоначалникот на Виченца, по што може да се влезе во Серија Д, највисоката аматерска лига во Италија.
Виченца се вториот италијански тим кој банкротираше последните два месеци, откако претходно тоа им се случи и на Модена на крајот на ноември.
Виченца е основана во март 1902 година, во 1997 година е освојувач на Копа Италија, а истата сезона стигна и до полуфиналето на Купот на победници на купови на УЕФА. За него настапувале имиња како Паоло Роси и Роберто Баџо, додека Франческо Гвидолин беше нивни тренер кога го освоија купот.