Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Никола Калиниќ може да се врати во Серија А ова лето, откако за него се заинтересирани Болоња, Сампдорија, Аталанта и Фиорентина, јавуваат италијанските медиуми.
Кариерата на Хрватот тргна во надолна линија откако замина од Фиорентина во 2017 година, постигнувајќи само 10 голови во две сезони со Милан и Атлетико. Покрај ова, тука беше и скандалот на Светското првенство во Русија, кога селекторот Златко Далиќ го исфрли од тимот поради одбивање да влезе во игра, по што неговата репрезентација стигна славно до финалето (каде што загуби од Франција).
Според „Ил месаџеро“, 31-годишниот Калиниќ уште е ценет во повеќе италијански клубови, а Винченцо Монтела, тренерот на Фиорентина сака повторно да работи со него. Калиниќ постигна 33 гола во 84 настапи за Виола од 2015 до 2017, пред да замине за 29 милиони евра во Милан, заедно со Монтела.