Нови 11 камерунски фудбалери „паднаа“ на тестот на возраст нареден од претседателот на фудбалската федерација, Самуел Ето како продолжување со скандалот со „местење“ на возраста на младите фудбалери.
Претходно беше потврдено дека 21 фудбалер од У-17 репрезентацијата на Камерун се дисквалификувани поради тоа што не го поминале тестот на возраст пред африканскиот УНИФАЦЦ турнир на кој учествуваат и Конго, Чад, ДР Конго и Централноафриканската Република. Се работи за скен со магнетна резонанса (МРИ) на зглобот на раката, со што се оценува возраста и растот на коските и кој е воведен од ФИФА за У-17 СП во 2009 година.
Камерунската федерација потврди дека 70 отсто од фудбалерите не го поминале тестот, односно дека се постари од 17 години и покрај тоа што се пријвени како млади фудбалери.
Ова не е првпат ваков скандал да се случи во Камерун – во 2017 година, 14 фудбалери паднаа на тестовите за возраст и им беше забранет настап на У-17 шампионатот на Африка во Габон. Неодамна, 44 фудбалери од осум камерунски клубови беа повикани на сослушување поради лажирање на податоците за нивната возраст во обид на Ето да го „искорени“ проблемот.