Top Sport

Новиот газда на Шефилд јунајтед не се срами од врските со семејството Бин Ладен

Принцот Абдула Бин Мосад бин Абдулазиз Ал Сауд, новиот сопственик на англискиот премиерлигаш Шефилд јунајтед ги бранеше бизнис-врските со семејството на терористот Осама Бин Ладен додавајќи дека ќе продолжи да работи со нив.

Врховниот Суд во Лондон одлучи во негова корист во легалната битка со поранешниот ко-сопственик и бизнис-партнер Кевин Меккејб околу целосната контрола на клубот. Адвокатите на Меккејб во текот на судскиот процес открија дека Принцот Абдула добил голем заем од семејството на поранешниот лидер на Ал-Каеда.

Принцот вели дека ќе продолжи да има врски со ссемејството Бин Ладен, објаснувајќи дека Осама е „црната овца во семејството“.

„Навреден сум кога луѓето мислат дека името Бин Ладен е лошо име. Се работи за одлично семејство. Имаа црна овца како во повеќето семејства, но се работи за респектабилно семејство и повторно ќе имам бизнис со нив. Семејството сакаше да ги откупи акциите на Кевин“, објаснува принцот.

Тој ги отфрли шпекулациите дека ќе го смени тренерот на тимот, Крис Вајлдер, кој успеа да ги крене Шефилд јунајтед од третата лига во Премиер лигата за три сезони и имаше добар старт на сезоната со 5 поени во пет натпревари.

„Би бил луд да го сменам Крис, а последен пат кога проверив, не бев луд“, изјави принцот.

Scroll to Top