Фудбалската асоцијација на Велс (ФАВ) отфрли можност Англичанец да седне на клупата на велшката репрезентација по заминувањето на Крис Колмен.
Колмен побара нов предизвик во тимот од англискиот Чемпионшип, Сандерленд, откако не успеа да ги однесе Велшаните на Светското првенство во Русија. Извршниот директор на ФАВ, Џонатан Форд, вели дека и следниот селектор ќе биде Велшанец.
„Секогаш сме ги преферирале Велшаните бидејќи тие се селектори со страст. Велшанец како прв избор, можеби странец, но дефинитивно не Англичанец“, изјави Форд.
Последните шест велшки менаџери се Велшани, а Англичанецот Боби Гоулд од 1995 до 1999 година беше последниот не-Велшанец на нивната клупа. Шпекулациите во медиумите тврдат дека помошникот на Колмен, Осијан Робертс и поранешните велшки напаѓачи Крег Белами и Џон Хартсон се во игра за испразнетото место, како и Тони Пјулис (исто така Велшанец), кој беше отпуштен од Вест Бром минатиот месец.
Форд додава дека одлуката ќе биде донесена пред ждрепката на новата Лига на нации на УЕФА на 24 јануари.
„Имаме малку време и ќе треба добро да размислиме. Многу луѓе се заинтересирани, но треба да процениме кој е нашиот вистински избор“, додава Форд.