Атлетико и Реал одиграа без голови на „Ванда Метрополитано“, во рамките на 12.коло во Ла Лига. Ова е првото „Мадрилењо“ кое се одигра на „Метрополитано“ и прво дерби по 15 години кое заврши без голови кога домаќин е Атлетико.
По дербито Атлетико се уште нема пораз во првенството, но во 12 натпревари шест пати одигра нерешено. На нерешениот резултат најмногу му се израдуваа во Барселона, бидејќи Каталонсите сега имаат 10 бода повеќе од мадридските тимови.
Бледо во дербито одиграа Антоан Гризаман и Кристијано Роналдо, а најдобри играчи беа Тони Крос кај Реал, односно Лукас Ернандез кај Атлетико.
Дербито понуди голема борба, искри на теренот и малку вистинска фудбалска убавина. Атлетико своите најдобри шанси ги пропушти во третата и 80.минута, на стартот Анхел Кореа во ситуација „еден на еден“ го префрли Касиља но топката заврши крај голот, а на десет минути пред крајот по обидот на Гамеиро топката од гол линијата во корнер ја исфрли Варан.
Реал своите најдобри шанси ги пропушти во 32, 35. и 37 минута, но Крос , Кристијано Роналдо и Серхио Рамос не успеаја да го совладаат сигурниот Јан Облак. Во вториот дел Слобенецот одлично реагираше и при ударот на Крос од 25 метри.