Top Sport

О’Нил: Невозможно е да се досуди таков пенал

Селекторот на Северна Ирска, Мајкл О’Нил, му се налути на судијата Овидиу Хатеган по поразот од Швајцарија 0:1 во првиот бараж-натпревар за пласман на Светското првенство во Русија. Единствениот гол на натпреварот во Белфаст го постигна Рикардо Родригес од сомнително досуден пенал.

„Вџашувачки е и да се помисли дека судијата во една таква ситуација ќе досуди пенал. Беше во близина, на два-три метри оддалечен, сѐ можеше убаво да види. Топката Еванс го погоди во задниот дел на рамото, а не во раката. Неверојатно, никој дури и не бараше пенал. Незамисливо е ова да се случува во 2017 година“, рекол О’Нил.

Покрај поразот, проблемите на Ирците се зголемија со жолтиот картон што го доби Еванс бидејќи дефанзивецот нема да може да игра во реваншот.

„Како можеш да доделиш жолт картон за нешто такво? Ако почнат да се делат картони на таков начин, тогаш одиме во погрешна насока“, дополнил селекторот на Северна Ирска.

Напаѓачот на Швајцарија, Шачири, на прашањето за пеналот на новинарите им понудил дипломатски одговор.

„Сѐ уште не сум ја видел целата ситуација, не знам дали беше пенал или не. Се обидов да шутнам кон голот, а судијата свирна пенал, тоа е тоа“, рекол играчот на Стоук.

Реванш-натпреварот по кој ќе биде познат патникот на мундијалот во Русија ќе биде одигран в недела во Швајцарија.

Scroll to Top