Германскиот фудбалер со турско потекло, Дениз Наки објави дека бил мета на обид за атентат, откако куршум го погодил неговиот автомобил во близината на Дирен, на автопат во Германија.
Наки, кој е етнички Курд, и настапува за третолигашот од Турција Амедспор од Дијарбакир, каде што мнозинство жители се Курди, вели дека инцидентот во западна Германија се случил во неделата и дека на неговиот автомобил било пукано од црно комби. Тој признава дека се плаши за својот живот.
„Секако, дека бев исплашен. Еден куршум го погоди мојот автомобил во стаклото, друг беше во близината на мојата гума. За среќа, не бев погоден“, изјави Наки, кој е роден во Гемранија, а весникот „Ди Велт“.
28-годишниот Наки играше за германската репрезентација до 19 години, а во кариерата играше и за Санкт Паули, и вели дека нападот доаѓа поради критиките кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Јас сум подвижна мета во Турција поради мојата поддршка за Курдите. Знаев дека нешто вакво ќе се случи, но не верував дека ќе се случи во Германија“, додава Наки.
Наки, кој бил на посета во Германија, минатата година беше осуден за „терористичка пропаганда“ за Работничката партија на Курдистан и доби условна затворска казна.