Германија е во шок по синоќешниот пораз од Македонија, во квалификациите за Светското првенство во Катар. Македонија, во Дуизбург, на колена го фрли фаворитот.
Горан Пандев обезбеди предност за Македонија на истекот, на првото полувреме. Германците израмнија од пенал преку Илкај Гундоган во 63.минута. Десет минути подоцна Македонија беше оштетена за пенал, а точка на мечот стави Елиф Елмаз во 85.минута.
Македонија направи голем успех, една од најзначајните победи во својата фудбалска историја забележа против репрезентација која еднаш во 20 години, на домашен терен, губи квалификациски меч за пласман на Светско првенство.
Македонија е третата репрезентација која ја поразила Германија во квалификации за Мундијал.
Во далечната 1985, на 16.октомври во квалификациите за Мексико 1986, Португалија со 1-0 победила во Германија.
На 1.септември 2001, во квалификациите за Јапонија и Јужна Кореја, Англија славеше со 1:5 во Германија.