Top Sport

ОJO со детали за прободувањето на навивачот на Левски кај „Чаирчанка“

Основното јавно обвинителството (ОЈО) излезе со детали за насилството по повод натпреварот од второто коло во Конференциската помеѓу Шкупи и Левски, кога еден бугарски навивач беше избоден со нож.

Од ОЈО издале наредба за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот.

Според првичните сознанија, до настанот дошло додека навивачи на Левски со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.

Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, влегле во вербална расправија која потоа преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба.

„Со цел утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, обезбедени се видео записи од околните објекти и од камерите на системот “Безбеден град”, а се преземаат и други дејствија“, велат од ОЈО.

Инцидентот пред „Чаирчанка“ е само еден од многуте кои се случија во текот на вчерашниот ден, пред почетокот на натпреварот. МВР соопшти дека биле уапсени 19 навивачи на Левски и двајца на Шкупи.

Scroll to Top