Оле Гунар Солскјер инсистира дека уште ја има поддршката на бордот на Манчестер јунајтед и на неговите играчи пред клучниот меч со Вотфорд овој викенд, кој доаѓа откако „ѓаволите“ загубија 6 од последните 12 мечеви, а англиските медиуми поставија листа на тренери кои „чекаат“ да го заземат неговото место.
Солскјер, кој интернационалната пауза ја искористи да се врати дома во Норвешка со неговото семејство, не е загрижен.
„Во постојана комуникација сум со клубот како и секогаш. Фудбалерите, целиот мој тим, клубот, сите работиме да бидеме подобри и да имаме подобри резултати. Фановите уште го поддржуваат нашиот тим, иако поминаа низ тежок период на градење на тимот. Секогаш има разочарување и притисок кога ќе загубите, но верувајте, во Јунајтед се зборува отворено и искрено“, вели Солскјер.
Вотфорд немаат победа во Премиерлигата од првото коло во август, но последната посета на „Викариџ роуд“ не помина најдобро за Манчестер јунајтед, откако загубија со 2:0 во декември 2019. Потоа следува гостување кај Вилјареал во ЛШ, па гостување на „Стемфорд бриџ“ кај лидерите Челси.
„И во минатото имавме вакви тешки периоди. На гости, до неодамна имавме 30 и нешто меча без пораз, а и лани ја свртевме сезоната со 20 меча со само еден пораз. Можеме повеќе“, вели Солскјер.