Еден од најголемите таленти на шпанскиот фудбал, Дани Олмо признава дека завршил со настапите за Динамо Загреб и дека е време за „нов чекор во кариерата“.
21-годишниот Олмо е продукт на славната фудбалска академија на Барселона, „Ла масија“, но откако не успеа да се пробие во каталонскиот тим, тој се реши за неочекуван трансфер во Хрватска, каде што импресионираше со својот развој. За него и во текот на летото беа заинтересирани повеќе тимови, но Динамо очигледно сака да го наплати добро трансферот.
„Летово беше идеално за следниот чекор, но на крајот тоа не се случи и затоа сум и тажен и среќен. Среќен бидејќи со Динамо играв во Лигата на шампионите, но сега овој циклус заврши. Сакам да го направам тој чекор и да продолжам да се развивам. Динамо со мене сака да го направи најскапиот трансфер во историјата на хрватскиот фудбал, но не знам дали има понуди“, вели Олмо.
Според „АС“, најголемиот фаворит за неговиот потпис е Атлетико Мадрид, бидејќи Диего Симеоне смета дека тој совршено ќе се вклопи во неговиот систем на игра. Динамо бара најмалку 30 милиони евра, со што ќе се сруши рекордот на Марко Пјаца, кој замина од Динамо во Јувентус за 23 милиони евра.