Судот во Манчестер го осуди 29-годишниот Карл Андерсон на 16 недели затвор откако тој изјави дека е виновен за расистички напад кон играчот од средниот ред на Манчестер сити, Рахим Стерлинг.
29-годишниот Андерсон призна дека го шутнал и го навредувал 23-годишниот англиски репрезентативец пред тренинг-центарот на тимот во Клејтон Лејн пред саботниот меч против Тотенхем. Андерсон, кој има историја на насилство поврзано со фудбалот, беше фатен на снимка како доаѓа со своето комби покрај автомобилот на Стерлинг кога тој пристигна на тренинг.
Двајцата излегле од автомобилите, и Андерсон тргнал кон Стерлинг, по што почнал да го навредува и му кажал: „Се надевам дека мајка ти и детето ќе умрат утрово, ти црнчуго“. По ова тој четири пати го клоцнал Стерлинг, кој за среќа добил само модринки.
Фудбалерот во изјава кажа дека е целосно шокиран од инцидентот.
„Не мислев дека вакво однесување сè уште се случува во нашата земја“, додаде Стерлинг.
Андерсон имал 25 претходни пресуди за 37 прекршоци, вклучувајќи фрлање на факел кон полицаец во тек на фудбалски меч. Тој исто така имал и забрана за пристап на одредени стадиони во Англија.