Одлуката на Роман Абрамович, Челси да го отпушти Антонио Конте и неговиот тренерски тим во 2018 година го чинел клубот фантастични 26.6 милиони фунти, покажуваат последните документи.
Конте, кој сега е на челото на Интер, ја освои титулата од Премиер лигата во својата прва сезона, а во втората се закити со ФА купот, но беше заменет од италијанскиот сонародник Маурицио Сари, иако имаше уште 12 месеци од својот договор со тимот. Под Сари, Челси го освои трофејот од Лига Европа, но и тој си замина на крајот на минатата сезона, за да стане тренер на Јувентус, но овојпат со взаемен договор и без исплатена отштета, за оваа сезона на оваа позиција да дојде легендата на клубот, Френк Лампард.
50-годишниот Конте на суд си ги бараше парите, а сега откако Челси мораше да ги објави финансиските документи за фискалната година до 30 јуни 2019, во нив се открива дека трошокот на замената бил 26.6 милиони фунти.