Медиумите во Италија објавија нови детали од „војната“ што се води во Наполи помеѓу фудбалерите и претседателот Аурелио Де Лаурентис. Фудбалерите одбиле да ја почитуваа наредбата на Лаурентис и по мечот со Салцбург наместо во карантин се упатиле кон своите домови. Во целата ситуација на средина стои тренерот Карло Анчелоти кој останал во клупскиот тренинг-центар. Тој рекол дека иако не се согласувал морал да ја почитува одлуката на претседателот.
Најверојатно денес ќе има состанок во клубот, поточно Лаурентис ќе седне на иста маса со фудбалерите. Се шпекулира дека првиот човек на Наполи нема да има милост и дека ќе подели казни.
„Ил Матино“ објави дека пред сите казни ќе добијат Дрис Мертенс и Хозе Калјехон. На овие двајца договорите им важат до крајот на сезоната, а според овој извор Наполи ќе се обиде да ги продаде во Кина, во зимскиот преоден рок.
Како водачи на бунтот „Ил Матино“ ги наведува и капитенот Лоренцо Инсиње, односно Алан и Калиду Кулибали.
Во целата оваа ситуација неизвесна е судбината и на тренерот Анчелоти. Наводно тој ќе го предводи тимот до крајот на сезоната, потоа како негов наследник се споменува Лучано Спалети.