Откако прво Мончи ги одби и реши да се врати во Севилја, сега и Марк Овермарс потврди дека нема да биде новиот спортски директор на неговиот поранешен клуб Арсенал, продолжувајќи го договорот со Ајакс.
„Топчиите“ сметаа дека Мончи или Овермарс ќе бидат совршена замена за поранешниот шеф на трансфери Свен Мизлинтат, кој си замина само 14 месеци откако дојде од Борусија Дортмунд. Мончи во понеделникот беше претставен во Севилја, и неколку часа подоцна Овермарс потпиша нов петгодишен договор со Ајакс, откако тимот стигна до четврт-финалето на Лигата на шампионите.
„Имам уште многу предизвици со Ајакс и работата е убава. Правиме чекор напред со младинската академија и со првиот тим и од спортски поглед можеме да одиме напред. Најважно, работам со луѓе кои ги познавам и кои ги почитувам. Тоа ми носи огромно задоволство“, вели Овермарс, кој играше три сезони во Арсенал на крајот на 1990-тите.