Месут Озил отворено зборуваше за љубовта кон Фенербахче, подгревајќи ги надежите на турскиот клуб дека ќе може да го добие од Арсенал уште оваа зима, откако германскиот репрезентативец одговараше директно на прашања преку неговата Твитер страница.
Озил, кој е најплатениот фудбалер на Арсенал со 350.000 фунти неделно, нема играно за „топчиите“ од март откако беше „смрзнат“ од тренерот Микел Артета и има уште шест месеци од договорот со лондонскиот клуб.
Кога беше запрашан зошто го сака Фенербахче тој даде јасен одговор: „Пораснав како навивач на Фенербахче во Германија. Секој Германец со турско потекло навива за некој турски клуб. За мене тоа е Фенербахче. Фенербахче е како Реал Мадрид во Шпанија. Најголем клуб во земјата“.
Пред тој одговор, Озил исто така посочи дека Кадикој, делот на Истанбул каде што е Фенербахче е неговиот омилен дел од турскиот град.