Еден од хероите на славната тројна титула на Интер, Горан Пандев зборуваше за „Спортвик“ за своите сеќавања од таа сезона со тогашниот европски шампион.
Напаѓачот на Џенова беше прашан дали е поносталгичен за деновите кога играше за Лацио или за Интер и одговорот не изненади.
„Во Интер освоив повеќе работи, но Лацио ми помогна да пораснам како фудбалер и да се покажам во важните натпревари. Во ЛШ дебитирав со Лацио. 2009 беше тешка година и во јануари заминав за Интер, каде што освоивме сѐ – лигата, купот и Лигата на шампионите“, вели Пандев.
Македонскиот ветеран секогаш имал одлични односи со тогашниот лидер на Интер, Жозе Мурињо и уште се сеќава на него.
„Тој е тренер кој ќе ти помогне, ќе те посоветува, ќе те брани до смрт ако го даваш максимумот за него. Со Бенитез немав добар однос, бидејќи тој ме ставаше во игра еден натпревар, а потоа паузирав три и на крајот на сезоната ќе те повика во канцеларијата и ќе ти каже еве колку играше“, додава Пандев.
Пандев беше запрашан и кој е најдобриот фудбалер со кого играл во кариерата.
„Самуел Ето беше фудбалер кој ако сакаше можеше сам да носи победи. Милито беше фантастичен таа сезона, а Дејан Станковиќ беше еден од моите најдобри пријатели, кој ми помогна кога пристигнав во Милано со семејството. Кој е мојот омилен гол? Тоа е лесно – голот за пласман во четврт-финалето на ЛШ“, завршува Пандев.