Top Sport

ПАОК доби три бода пред дербито со АЕК

Комисијата за жалби при Фудбалскиот сојуз на Грција (ФСГ) реши да му ги врати одземените бодови на ПАОК. Клубот од Солун беше казнет со одземање на бодови поради инцидентите кои се случија пред три недели кога не се одигра дербито ПАОК-Олимпијакос.

Тогаш тренерот на Олимпијакос, Оскар Гарсија, беше погоден со ролни тоалетна хартија во главата. Мечто не се одигра, беше регистриран со службен резултат 3:0 за Олимпијакос. Исто така Дисциплинската комисија на ФСГ го казни ПАОК со 30.000 евра, на два натпревари го суспендира стадионот и на клубот од Солун му одзеде три бода.

Следуваше жестока реакција на клубот, навивачите организираа протести, а десетина од нив влегоа во студиотот на телевизијата ЕРТ 3 и го натераа водителот на спортските вести да го прочите нивното соопштение.

Комисијата за жалби одлуката дека на ПАОК му се вратени бодовите и дека е укината суспензијата на стадионот ја соопшти во раните утрински часови во неделата, што предизвика реакции од таборот на Олимпијакос.

„Јасно е за што се работи кога една ваква одлука е донесена во текот на ноќта“, порачале од Олимпијакос.

ПАОК вечерве од 18:30 часот ќе го пречека лидерот АЕК и овој меч може да биде решеавачки во борбата за титулата.

АЕК е лидер на табелата со 54 бода, два повеќе од ПАОК, а на третата позиција е Олимпијакос.

ПАОК шампионската титула во Грција последен пат ја освоил пред 32 години.

Scroll to Top