Околу кариерата на Емануел Адебајор честопати се случуваа бизарни работи, но последниот пример можеби е најчудниот. Парагвајскиот клуб Олимпија вети на своите навивачи дека ќе потпише договор со поранешниот напаѓач на Арсенал, но само доколку во текот на викендот успеат да привлечат 20.000 нови членови.
Олимпија се на второто место по првите неколку кола на парагвајската Апертура, и претседателот Марко Тровато вети дека ако има поддршка ќе го донесе 35-годишниот Адебајор, најславното име поврзувано со овој клуб.
„Утре ќе кажеме: ’Тука е Олимпија повторно да се бори’. Ако во понеделник се разбудиме со 20.000 нови членови, Емануел Адебајор ќе биде нов член на нашиот тим и ќе биде претставен во среда“, вели Тровато.
Тогоанецот Адебајор ја почна кариерата со Мец во 2001 година, по што имаше одлични три сезони во Монако, и направи трансфер во Арсенал, каде што исто така беше „летален“. По ова следуваше трансфер во Манчестер сити, за кои одигра само 34 меча, по што играше и за Реал Мадрид и Тотенхем. Последните сезони тој играше во Турција, во Башакшехир и Кајзериспор.