Top Sport

Паратичи: Одлуката за отказ на Сари беше направена пред поразот од Лион

Хаотичната сабота за Јувентус по отпуштањето на Маурицио Сари и ангажирањето на легендарниот, но неискусен Андреа Пирло на негово место, заврши со изјава од спортскиот директор на тимот, Фабио Паратичи, кој тврди дека одлуката за смена била донесена пред испаѓањето на Јуве од Лион во Лигата на шампионите.

„Проценката беше направена пред резултатот со Лион. Веќе кажавме дека еден натпревар не одлучува за иднината на тренерот. Проценката се прави на целата сезона. Одлуката за Пирло беше природна, во стилот на Јувентус. Веруваме дека тој ќе биде голем тренер, а личноста беше поважна од професионалец и немаме сомнежи за Пирло“, вели Паратичи за „Скај спортс Италија“.

Паратичи се обиде да објасни каде згрешил Сари, откако клубот втора година во низа отпушта тренер кој ја освојува титулата во Италија.

„Сезоната е долга, има многу моменти и ситуации кои се собираат, не се работи за една работа. Дојдовме до заклучок по многу долгата сезона. Не се одлучува само со европските натпреварувања. Ситуацијата на Макс Алегри беше поинаква, бидејќи тој имаше пет години работа со нас“, додава Паратичи.

Scroll to Top