Виљареал по пауза од 16 години повторно е полу-финалист во Лигата на шампионите. Играчите на Унаи Емери, приредија уште една сензација, откако го елиминираа Јувентус во осмина-финалето, синоќа му зедоа мерка и на Баерн Минхен.
Нигериецот, Самуел Чукуезе, со голот во 88.минута, го однесе Виљареал во полу-финалето. „Жолтата подморница“, го повтори успехот на генерацијата која пред 16 години ја предводеа Хуан Рикелме и Диего Форлан.
Баерн го потцени Виљареал, тоа на крајот се покажа како клучно во двата натпревари. Особено во првиот меч кога Виљареал требаше да победи и со поголема разлика.
„На ждрепката, кога го извлекоа Виљареал, нивниот тренер, кого не го познавам, не го испочитува не само Виљареал, туку и фудбалот воопшто“, изјавил по натпреварот Дани Парехо.
„Рече дека сака двомечот да го реши во првиот натпревар. Покажа непочитување. Некогаш кога плукаш, може да ти се врати“.