Шокантната можност Арсенал да испадне од Премиер лигата повторно е тема, откако поранешниот фудбалер на „топчиите“ Реј Парлор даде интересен пример – ако можеа Лестер во 2015/16 да ја освојат Премиер лигата, тогаш се е можно во Англија.
„Лисиците“ беа 5.000/1 аутсајдери за титулата под Клаудио Раниери, но го направија невозможното, а сега Арсенал се наоѓаат во слична ситуација, но до дното на табелата. Откако лани го освоија ФА купот и Комјунити шилд трофејот, се веруваше дека тимот на Микел Артета може многу оваа сезона, но тие сега имаат само 4 победи и 14 поени од 13 меча и се наоѓаат на 15. место со 5 поени над зоната за испаѓање.
Парлор смета дека квалитетот, конечно, ќе се покаже на „Емирати“ и дека нема да се случи испаѓање, но додава дека многу работи се можни.
„Пред некој ден повторно ме прашаа – па може ли Арсенал да испадне? Одговорив: ‘Најверојатно не’, но ако Лестер со 5.000/1 можат да ја освојат титулата, тогаш и Арсенал може да играат во Чемпионшип. Ако бргу не почнат да освојуваат поени и да ги вртат натпреварите во своја корист, има вистински проблем. Ако има проблем, тоа не е во Микел Артета, тоа е човек кој работеше со Пеп Гвардиола и Арсен Венгер и знае многу. Но, не смее да се дозволи работите да излезат од контрола“, вели Парлор.