Спортскиот директор на Парма, Даниеле Фаџано вели дека нема теорија младата ѕвезда на тимот, Дејан Кулушевски да замине оваа зима бидејќи тој е „оженет“ со проектот.
19-годишниот Швеѓанец со македонско потекло, кој е позајмен фудбалер од Аталанта, имаше фантастична половина сезона, по што веднаш почнаа шпекулации дека Интер и Манчестер јунајтед се заинтересирани за неговите услуги. Фаџано вели дека до 30 јуни, тој останува во Парма и дека потоа ќе размислуваат за можен трансфер или ќе го вратат на Аталанта.
„Кулушевски до 30 јуни останува во Парма, тоа е сигурно. Многу се зборува околу него и тоа може да пречи, но тој е оженет со овој проект. Ако мораме да интервенираме на пазарот на играчи во јануари ќе направиме само интервенција за повредените фудбалери, но тој не оди никаде“, вели Фаџано.