Џеферсон Фарфан (33), крилниот напаѓач на Локомотив Москва и репрезентацијата на Перу, прави неверојатен потфат кој може да се нарече астронаутско-голгетерски.
Имено, од 11 до 27 ноември ќе патува на четири континенти и ќе прелета повеќе од 45 илјади километри. За илустрација, летот околу светот по екваторот е во должина од 40.075 километри.
Фарфан, ова не го прави за да ги тестира границите на сопствената издржливост, туку за да игра важни натпревари. Тој на извонреден начин се справува со оваа интерконтинентална одисеја бидејќи постигнува голови од Москва до Лима.
Како изгледа неговото патешествие во наведениот период: најпрвин од Москва (Европа) се упати кон Велингтон на Нов Зеланд (му припаѓа на континентот Австралија), каде што со Перу на 11 ноември го играше првиот бараж-меч за пласман на светското првенство во Русија. Дуелот заврши 0:0.
Потоа од Нов Зеланд со репрезентативните колеги се упати кон Лима во Перу (Јужна Америка), каде што се одигра бараж-реваншот на 16 ноември. Перу победи 2:0, првиот гол го постигна Фарфан, а Перу, по 36 години, избори пласман на светско првенство.
По големата прослава во Лима, крилниот напаѓач се врати во Москва, синоќа играше за Локомотив во Лига Европа против Копенхаген и ги постигна головите за победа (2:1).
Деновиве со својот тим се подготвува на пат за Кабаровск на натпревар од руското првенство. Кабаровск е град што се наоѓа на руско-кинеската граница и од Москва е оддалечен речиси шест илјади километри.
Кабаровск е град што се наоѓа во Азија, четвртиот континент кој за две недели ќе го посети Џеферсон Фарфан.