Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Мануел Пелегрини вели дека Кристијано Роналдо заслужува да биде платен исто колку и ѕвездата на Барселона, Лионел Меси.
Роналдо има договор со „кралскиот клуб“ до 2021 година, но постојано има шпекулации дека сака да добие подобра плата откако го предводеше тимот до пет трофеи лани, а Меси и Нејмар се поплатени од него.
Покрај тоа, тука се шпекулациите дека Португалецот би сакал кам-бек во својот стар клуб, Манчестер јунајтед, иако Жозе Мурињо неодамна објави дека тие нема да тргнат по него поради „почит“ кон Реал Мадрид. Пелегрини, кој сега работи во кинескиот Хебеи Чајна Фортјун, беше тренер на Мадрид кога Роналдо пристигна од Јунајтед.
„Меси има природен капацитет да игра фудбал кој не може да биде допрен. Но, Кристијано, со својата енергија и напорна работа и огромна амбиција, заслужува уште повеќе пофалби поради тоа што е голем професионалец. Можеби ги нема истите технички квалитети, но сепак ги израмни остварувањата на Меси. Верувам дека двајцата заслужуваат да бидат најплатени фудбалери на светот“, вели Пелегрини во интервју за шпанската радио-станица „Ел ларгуеро“.