Top Sport

Перез во дилема, да го врати Мурињо или да го ангажира Покетино

Сигурно е дека претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, по завршувањето на сезоната нема да го задржи на клупата тренерот Сантијаго Солари. Прашање е само кој тренер ќе го води тимот во наредната сезона.

„Дон Балон“, медиум кој често се бави со шпекулации и неговите информации можат да се земат со доза на претпазливост, тврди дека во игра се две имиња. Наводно Перез ќе се обиде со Жозе Мурињо или Маурисио Покетино.

На Реал му е потребен целосен ремонт, а по двата порази од Барселона во само неколку дена, јасно е дека реновирањето ќе започне од тренерската позиција.

До крајот на оваа недела, според „Дон Балон“, Перез во Лондон ќе се сретне со актуелниот менаџер на Тотенхем, Покетино.

Првиот човек на „кралскиот клуб“, размислувал што е подобра опција, да го врати Мурињо или да се обиде со аргентинскиот тренер.

Откако ќе разговарал со Покетино, Перез планирал да се сретне и со Мурињо, кој по отказот во Манчестер Јунајтед работи како стручен коментатор за телевизијата „Беин“.

По заминувањето на Зинедин Зидан, кој минатото лето си поднесе неотповиклива оставка, Реал го ангажираше Хулен Лопетеги. Поранешниот шпански селектор доби отказ поради лошите резултати, а на неговото место беше назначен Солари.

Scroll to Top