Top Sport

Перишиќ: Цело време во глава ни е 1998 година

Хрватска се подготвува за последниот натпревар во групата Д во Русија против Исланд по првите две победи (со Нигерија 2:0 и со Аргентина 3:0) и Иван Перишиќ признава дека не можат да ги исфрлат мислите на славната генерација од 1998 од главата.

Хрватите веќе обезбедија пласман во осминафиналето, првпат на еден Мундијал од тоа СП во Франција во 1998 година, кога стигнаа до третото место, и атмосферата во тимот на Златко Далиќ е совршена.

„Досега не бевме фаворити бидејќи последните 20 години не направивме речиси ништо. Сега, мораме да продолжиме вака – прво Исланд, потоа осминафинале. Ако продолжиме на ова ниво тогаш сѐ е можно. За повеќето од нас ова е четврто големо натпреварување и имаме доволно искуство. Игравме добро и на Евро 2016 во Франција, но среќата не не послужи против Португалија. Се надевам дека сега среќата е на наша страна“, вели Перишиќ.

Фудбалерот на Интер вели дека има многу споредби на оваа генерација и на таа од 1998 година.

„Тие тогаш направија чудо. Јас имав девет години и фантазирав како еден ден и јас ќе играм на Мундијалот. Се надевам дека ќе можеме да ги стигнеме. Тоа ни е во главата постојано и мислам дека сме подготвени. Имаме играчи од светска класа кои го покажаа тоа на овие два натпревари“, додава Перишиќ.

Scroll to Top