Top Sport

Перу си замина дома од Нов Зеланд со „вредно“ реми

Нов Зеланд и покрај слабиот посед на топката успеа да стигне до 0:0 реми против Перу во првиот натпревар на нивниот бараж дуел за пласман на СП во Русија на „Регионал“ стадионот во Велингтон.

Јужноамериканците, кои се 10. на ФИФА листата, се апсолутни фаворити да се пласираат во Русија, и се очекуваше да доминираат против „Ол вајтс“, меѓутоа во текот на целиот меч тие направија само две вистински шанси, но одбраната на Нов Зеланд предводена од капитенот Винстон Реид осигура победникот да се решава во Лима во среда.

Голманот на домаќините, Стефан Маринович, ја извади топката од гол-линијата по мешаницата на одбраната по ударот со глава на Алдо Корзо во второто полувреме. Домаќините најдобрата шанса ја имаа преку Рајан Томас во 85. минута, чиј удар помина само сантиметри од десниот дирек.

Селекторот на Нов Зеланд, Ентони Хадсон вели дека ништо не е решено и дека неговиот тим воопшто не се плаши од бучната атмосфера која ќе ги чека на перуанското гостување.

„Едвај чекам да одиме во Лима. Тоа ни одговара, бидејќи сме навикнати на такви предизвици. И претходно се жалевме дека постојано играме на гости, но сега тоа не ни пречи. Каде и да оди овој тим може да постигне гол и да креира шанси. Сигурен сум дека можеме да одиме на СП“, вели Хадсон.

Scroll to Top