Пред крајниот рок за поднесување на понуди за купување на Манчестер јунајтед на 17 февруари, интересот за еден од најтрофејните европски клубови е огромен, со дури пет кандидати кои се подготвени да ја дадат посакуваната сума од американските газди, семејството Глејзер, која е фантастични 5 милијарди фунти, тврди „Тајмс“.
Засега, јавен интерес покажа само Сер Џим Ретклиф, најбогатиот Британец и газда на хемиската компанија „Инеос“, кој ги ангажираше инвестициските банки „ЏП Морган“ и „Голдман Сакс“ со пакет кој би ги покрил трошоците за откуп на клубот и долговите од 500 милиони фунти.
Според „Тајмс“, одговорните за продажбата, „Рејн групацијата“, сметаат дека сума од 5 милијарди фунти ќе ги задоволи апетитите на Глејзри. Покрај Ретклиф, последните шпекулации велат дека и катарското кралско семејство, преку посебна корпорација (која нема да е поврзана со официјалните газди на Пари-Сен Жермен) се подготвени да дадат понуда, како и богати инвеститори од Саудиска Арабија и САД.