Новиот селектор на шпанската репрезентација, Луис Енрике нема да може да смета на услугите на дефанзивецот на Барселона, Жерард Пике, кој потврди дека се повлекува од националниот дрес.
31-годишниот Пике има 102 настапи за „Ла роха“, но по разочарувачкиот настап на Светското првенство во Русија, ветеранот на Барса, кој го освои СП во 2010 и ЕП во 2012 со репрезентацијата вели дека е време да се фокусира на клупскиот фудбал. Тој во текот на својата кариера имаше и доста проблеми со навивачите, посебно по неговата поддршка на каталонската независност, по што го пречекуваа свирежи и скандирања.
„Поминав навистина добро време во репрезентацијата, со европска и светска титула, но таа приказна завршува. Веќе му го кажав тоа на Луис Енрике“, изјави Пике пред дуелот од шпанскиот Суперкуп со Севилја.