Златан Ибрахимовиќ е вистински лидер со голема желба за победа, смета тренерот на Милан, Стефано Пиоли, кој е сигурен дека шведскиот ветеран ќе ги инспирира сите во тимот.
Ибрахимовиќ официјално се врати на „Сан Сиро“ на 27 декември по повеќе недели шпекулации, потпишувајќи краток договор до крајот на сезоната со опција за уште една сезона. Досега, сезоната за „росонерите“ е кошмарна со само 21 освоен поен во првите 17 меча, а Пиоли го замени Марко Џампаоло во октомври.
Швеѓанецот ќе биде презентиран на 3 јануари, а ќе дебитира против Сампдорија три дена подоцна.
„Ибра е воин, лидер, харизматичен фудбалер со големо чувство на одговорност и голема желба за победа. Тој ќе го стимулира цел тим, неговото влијание ќе биде клучно. Како најмлад тим во лигата, покажавме недостаток на конкурентен дух и Ибра е лидер кој може да помогне. Зборував со него на телефон, тој е ’загреан’ и едвај чека да се врати на тренинзи“, вели Пиоли за „Кориере дела сера“.