Top Sport

„Пипита“ ги крена Јувентус на „Сан Паоло“ (видео)

Голот на Гонзало Игуаин против својот поранешен тим Наполи беше доволен Јувентус да стигне до 1:0 победа на „жешкото“ гостување на „Сан Паоло“ и да стави крај на победничката серија на „партонепеи“.

Игуаин фантастичното додавање од Пауло Дибала го смести во мрежата на Пепе Реина за да ги замолчи непријателски настроените навивачи на Наполи, кои уште не можат да му простат за трансферот во омразениот Јувентус.

Кам-бекот на Игуаин беше уште поимпресивен ако се знае дека во понеделникот беше на операција на скршениот прст на раката, но Аргентинецот инсистираше да биде стартер против Наполи.

Тој потег беше доволен, Јувентус да дојде до три поени на гостувањето во Неапол и да се доближи на само еден поен до Наполи (38-37) по првиот меч од 15. коло во италијанскиот шампионат. Во исто време, со овој резултат се дава простор на Интер во недела со победа над Киево да биде новиот лидер во Серија А.

Ова е само втора победа во последните 14 гостувања на Јувентус кај Наполи, и прва од јануари 2015 година, кога беше прекината низата од осум порази и четири ремија. Последен пат Јувентус не примил го на „Сан Паоло“ при 0:0 ремито во март 1997 година.

Scroll to Top