Голем број на фудбалски легенди во понеделникот навечер се собраа во Милано за да се збогуваат со Андреа Пирло во меч во кој „белите ѕвезди“ и „сините ѕвезди“ одиграа 7:7.
Пирло, поранешен освојувач на Светското првенство со Италија, ја заврши кариерата по крајот на МЛС сезоната со Њујорк сити, и во Милано повика голем број од своите поранешни соиграчи, противници и пријатели за да стави крај на кариерата со стил.
Пирло играше за Милан и Интер во долгата кариера и затоа реши да го одигра последниот меч на нивниот „Сан Сиро“. Во белиот состав беа Алесандро дел Пјеро, Леонардо Бонучи, Дида, Руи Коста, Франческо Тоти и Кристијан Виери, додека во синиот играа Кафу, Андриј Шевченко, Карлос Тевез, Кларенс Сидорф и Џанлуиџи Буфон.