Легендарниот фудбалер, а сега тренер, Андреа Пирло, ќе стане нов тренер на „Азурите“.
Според доверливиот експерт, Фабрицио Романо, поранешниот магионичар на средниот ред прифатил усна понуда од Италијанската фудбалска асоцијација и ќе го преземе кормилото на националниот тим како дел од сеопфатен, долгорочен проект, пренесуваат медиумите во регионот.
Пирло го даде конечното „да“ по преговорите со Паоло Малдини и Леонардо, кои му презентираа детален план за оживување на националниот фудбал.
Сè што останува е да се потпише договорот во наредните денови и да се решат формалностите пред официјалната промоција.
За 47-годишниот експерт, преземањето на четирикратниот светски шампион претставува најголем тренерски тест во неговата кариера досега.
На тренерската сцена, Пирло претходно седеше на клупата на торински Јувентус, со кого крена трофеи во Купот и Суперкупот на Италија, а во меѓувреме го водеше и турскиот Карагумрук, како и Сампдорија од Џенова.
Пирло на тој начин ќе се обиде да го спаси заплетканиот гигант кој не се квалификуваше за Светското првенство оваа година.
