Лео Меси не може да тврди дека е најдобар фудбалер во историјата доколку не победи на Светското првенство, вели италијанската легенда Андреа Пирло, кој останува на мислењето дека најголемиот на сите времиња е аргентинскиот сонародник на Меси, Диего Марадона.
Марадона во 1986 година успеа со релативно слаба аргентинска репрезентација да ја освои светската титула, и Пирл оверува дека Меси и покрај големиот број на титули со Барселона и петте „Златни топки“, мора да го направи истото.
„Освојувањето на титулата во Русија ќе биде важно и за самиот Меси, бидејќи секогаш го споредуваат со Марадона и за да биде на тоа ниво, мора да ја освои титулата. Без титула од СП тешко можеш да се наречеш најдобар во историјата“, вели Пирло за порталот „Гол“.
И покрај слабите подготовки на Аргентина, вклучувајќи го поразот од 6:1 од Шпанија, Пирло вели дека тие може да изненадат во Русија.
„Тие имаа време да ги најдат вистинските играчи за Светското првенство и мислам дека ќе бидат добри таму и покрај поразот од Шпанија. Ако нивните најдобри играчи го кренат нивото, тогаш можат да бидат опасни“, додава Пирло.
Сепак, тој смета дека први фаворити за победа се Бразил како „најконкретен тим“, а едвај чека да го гледа во акција англискиот напаѓач Хери Кејн.
„Кејн ми е омилен англиски фудбалер, бидејќи е моќен и ќе следам што ќе направи. Бидејќи Италија не е на првенството нема да навивам за никого. Ќе ги гледам сите натпревари, но нема да навивам“, вели Пирло.