Андреа Пирло смета дека на Јувентус му недостасувало искуство да обезбеди победа со Верона и признава дека „старата дама“ е во „итна ситуација“ откако беше посочено дека премногу се чека на Кристијано Роналдо за голови.
Роналдо го постигна својот 19. гол оваа сезона за да ги донесе Јуве во водство, но Антонин Барак израмни на 1:1, резултат кој го остава Јуве на седум поени зад Интер.
„Знаевме дека мечот нема да биде лесен, но сепак, ова е разочарувачки. Поведовме, што е најтешкиот дел од еден натпревар, и потоа не го заддржавме водството. Се работи за мали детали кои за жал, младите фудбалери не ги разбираат. Кога водиш, мораш да знаеш да победиш. Ни недостасуваат искустните фудбалери, а помладите фудбалери не сфаќаа како се движи мечот. Побарав од Кристијано и Алекс Сандро да зборуваат со нив, но тоа не беше доволно“, вели Пирло.
Јуве има дефанзивна криза со повреди на Џорџо Кјелини, Леонардо Бонучи, Данило и Хуан Квадрадо, по што шест од стартните 11 имаа под 25 години, иако имаше и доволно искуство на теренот – Роналдо, Шчесни, Алекс Сандро, Бернардески и Ремзи.
„Сега сме во итна ситуација, но се обидуваме да работиме со тоа што го имаме. Ни недостасуваат Дибала и Мората, тоа е сигурно“, вели Пирло.