Top Sport

Питана ќе го суди големото, Фагани малото финале

Аргентинецот Нестор Питана ја доби довербата на ФИФА да го суди големото финале на 21.Светско првенство во фудбал, помеѓу репрезентациите на Франција и Хрватска. Интересно, Питана ја доби честа да биде судијата што судел на првиот и последниот натпревар на СП во Русија. Тој беше главен судија на воведниот меч помеѓу Русија и Саудиска Арабија.

Нестор Пита има 43 години, а по професија е професор по физичко. Тој е меѓународен судија од 2010 година и е вториот претставник на својата држава што имал можност да суди на две светски првенства, по Норберто Коереча.

foto: epa

Питана е вториот Аргентинец што добил можност да суди во финалниот меч, по Оросио Елусондо, кој беше главен судија во финалето во 2006 година.

Аргентинецот, во досегашниот тек од Мундијалот ја делеше правдата на четири натпревари, а интересно по еднаш веќе им судеше на Французите и Хрватите.

И двете селекции забележаа победи, Франција, во четврт-финалето, го победи Уругвај со 2:0, додека Хрватска, во осмина-финалето, по изведувањето на пенали ја елиминираше Данска.

foto: epa

Исто така, Питана судеше и на дуелите во првата фаза Русија-Саудиска Арабија 5:0 и Мексико-Шведска 0:3.

Исто така светската куќа на фудбалот објави дека Иранецот Алиреза Фагани ќе биде главен судија на натпреварот за третото место помеѓу Белгија и Англија.

Scroll to Top