Миралем Пјаниќ верува дека сегашниот тим на Јувентус е „најдобриот во историјата“, и во исто време му порача на ѕвездата на Манчестер јунајтед, Пол Погба дека ќе биде добредојден назад во Торино.
Пјаниќ смета дека доаѓањето на Кристијано Роналдо е јасен сигнал дека клубот планира да оди на тројна титула.
„Мојот сон е да ја освоиме титулата од Лигата на шампионите со Јувентус и да го вратиме тој трофеј во Торино. Тројната титула мора да остане сон и главна цел за нас. Кога дојдов тука претседателот ми покажа фотографија од ’бјанконерите’ кои освоија пет титули во низа и ми кажа дека мора да го подобриме тоа. Сега имаме седум, но мора да носиме нови трофеи. Ова е дефинитивно најдобриот тим на Јувентус во историјата “, вели Пјаниќ за „РАИ спорт“.
Репрезентативецот на Босна и Херцеговина беше запрашан и за постојаните шпекулации дека Погба може да се врати од Манчестер јунајтед.
„Секако, сите навивачи на Јуве знаат кој е Пол Погба и сонуваат тој да се врати. Потпишавме договор со повеќе одлични фудбалери и клубот ќе размислува и за други засилувања. Секако, тој би бил добредојден во клубот и од фудбалерите и од навивачите“, додава Пјаниќ.