Немаше насмевка на лицето на менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер по вечерашната победа на „ѓаволите“ во дуелот против Вулверхемптон во рамки на англискиот ФА куп.
Причина е повредата со која се здоби Маркус Рашфорд. Јунајтед ги победи „волците“ со 1-0 благодарение на малата мајсторија на Хуан Мата во 67 минута. Сепак во 78. минута поради повреда играта ја напушти најдобриот фудбалер сезонава, Маркус Рашфорд.
Напаѓачот влезе во игра во 63 минута, но петнаесетина минути подоцна доби незгоден удар и мораше веднаш да ја напушти играта.
Инаку, љубителите на фудбалот на „Олд Трафорд“ видоа брз и отворен натпревар на кој недостасуваа само повеќе голови.
Мата ги реши „волците“. Му асистираше Марсијал, па тој излезе очи в очи со голманот Ради и со лоб удар погоди во мрежата.
Во следната фаза на ФА Купот, Јунајтед ќе ги одмери силите со подобриот од дуелот Трамере – Вотфорд.