Менаџерот Маурисио Почетино вели дека фокусот на Тотенхем веќе не е да се биде подобар од ривалите од северен Лондон, Арсенал, туку во потера на големтите трофеи.
Кога Аргентинецот седна на клупата на Тотенхем пред пет години, клубот беше во длабока сенка на соседите од „Емирати“, но последните две сезони и тоа се смени, и Спарси се клубот кој има шампионски амбиции и оди далеку во Лигата на шампионите. Почетино вели дека сега е време за прв трофеј од 2008 година.
„Сите знаеме дека Тотенхем има огромна историја и врвни фудбалери во минатото, но тие никогаш не веруваа дека ќе можат да победат и да бидат во финалето на Лигата на шампионите. Сега сме блиску до тие соништа, но мораме да останеме фокусирани. Последните пет години ја намалувавме разликата и бевме пред Арсенал. Сега, треба да мислиме на титули“, вели Почетино.
Тотенхем не беше многу активен на трансфер-пазарот последните години, и последните два преодни рока не купи фудбалер поради трошоците за новиот стадион, и Почетино сега очекува да добие повеќе средства.
„Секако, реалноста е дека е тешко да се натпреваруваме со друг клуб кој е фокусиран само на купување засилувања. Јас можам да чекам, бидејќи сум млад за тренер, но дел од фудбалерите мислат поинаку“, предупредува Почетино.